Tribute to Климатизирано

pectopah

На интернет налетав на едно клипче: човек нарачува циганска музика некаде во Капиштец и се „весели“. Клипчето и го пратив на една пријателка од Америка. Таа изреагира вака:

What’s that pectopah sign on the board?

Зборот pectopah води француско потекло (restorer), чиј збор пак води латинско потекло (restaurare), што се толкува како: да се врати нештото во почетна состојба.

Веројатно pectopah – от е замислен за одмарање, и доведување на човекот до некоја почетна (веројатно одморена, смирена, свежа) состојба.

Постои и страница, pectopah.com, а еден Американец залутан во Киев го истумачил ова:
I noticed there is a chain similar to ‘Denny’s’ that is called ‘Pectopah’, but the décor seems to differ from site-to-site, as well as the menus and the prices.

Веројатно, нема потреба да ја отгаткувам загатката, но за оние кои сеуште не разбраа, нека го напишат pectopah со големи букви, и нека го прочитаат на кирилица.

16 August, 2007 Posted by detlic | откач | | No Comments Yet

Батко Ѓоргија

Специјален поздрав до Љубето Вајсто :)

15 August, 2007 Posted by detlic | катче, откач | | No Comments Yet

Компаристика

Тежок татнеж на тапани. Невини и чисти души се собрале на гумното, а среде, мажи со бради и голобради момчиња со подраснати мустаќи се збрале во круг и во еден бавен и болен грч ја цедат бедотијата од себе. А и својата сиромаштија. Фатени еден за друг околу појасот, со нем поглед кон небото, со заедничка судбина на постоење, со борбата против снебитувањето. Одоколу, старички во црно, калеши моми накитени со цветови на косите, простодушни, срамежливо погледнуваат кон момчињата на орото и се кикотат; и на крајот од овој циркус, малечки деца, русокоси, со нејаснотија гледаат во своите мајки и не знаат што се случува. Како лавицата што ги носи своите мали на лов да гледаат, така овие ги носат своите деца да и погледнат на својата немаштија во очи. Ама ако, пак ќе запалат свеќа на црква, а кандилцата ќе им горат во куќите пред светителите; и ќе му се радуваат на Велигден и ќе се прекрстат пред секое јадење.
Пискав звука на зурлата ја нарушува тегобата од стисната тупаница над нивниот живот, се се раздвижува, се оживува, церемонијата добива нов тек. Тапаните, возбудени од оваа ненадејна промена, го забрзуваат ритамот. Сите се сред село. Сите се радуваат на родено дете. Сите го закопуваат упокоениот, сите заеднички страдаат, сите еднодушно се молат. Сите се собрани на гумното. Сите, од селцето од Мала Преспа, ги испраќаат своите соселани на печалба. Во туѓина, во Македонија…

Тежок татнеж од звучниците и блескави светила во невиден транс светат и гаснат. Нечисти души збрани во од цигари зачадена хала; бричени момчиња со гел на косата во брз и неуморен ритам не цедат ништо од себе. Секој за себе, со искривена насмевка, лицемерни, осуетени, непознати еден другего, со борба во надминување на другиот. Прилепени до нив, девојки, со куси здолништа, некои дури со истакнати долни алишта, со тесни маички за покажување на своите гради, без срам, провокативно ги предизвикуваат момците; некои и се бакнуваат пред останатите. Доаѓаат понекогаш и помали генерации. Да видат од поголемите. Да му се придружат на убавиот живот. Ама ако, пак ќе одат да кршат клупи во паркот, а уличките ќе замирисаат од соборените канти; и ќе пијат до бескрај и ќе се наптреваруваат кој е подобар.
Пискав тон на неприроден звук од секвенцер ја нарушува тегобата од весел живот, се се засилува, сите се во транс, церемонијата добива нов тек. Возбудени, во халата сите пискаат, се дерат, пропаѓаат. Сите во халата се отуѓени. Сите се радуваат на туѓата болка. Никој не е потресен од нечие страдание, никој не положува венци на жртвена љубов, не сакајќи да ја наруши својата удобност. Сите разединето грабат за себе. Сите во халата си се туѓи. Сите од гратчето од Македонија љубоморат на оние кои одат на печалба, оти го избегнувале тешкиот живот. Во туѓина, далеку, во Америка.

Сељакот од Мала Преспа седи на земјата во тенка кошула, во месец октомври, одмарајќи се пред да продолжи со тешката ангарија, а високоумниот од халата, го одминува, не приметувајќи го, или не значејќи му ништо. Скопје, 05 часот и 52 минути. Само што не изгреало сонцето.

Еден црнец лежи мртов во Харлем, со прострелна рана во левиот дел од градниот кош. Полицијата изврши увид на настанот, во 23 часот и 52 минути. Неколку минути пред полноќ.

14 August, 2007 Posted by detlic | Култура | | No Comments Yet

Остров

„Да ты ж меня любишь, отец Иов?“ („Ме љубиш ли отец Јов?“) – во еден момент прашува отец Анатолиј.

Во друг момент, отец Анатолиј вели: „за что Каин, брата своего Авеля убил.“ („Зошо Каин го уби брата си Авел“)

На крајот следи заклучокот: „Да ведь ты меня, не любишь, отец Иов.“ („Ти не ме сакаш, отец Јов“), со што му ја открива лицемерната љубов на Јов.

Во оваа болна состојба денеска, се наоѓаме безмалце повеќето. Нема потреба некој да не запраша: Ме сакаш ли? – зошто денеска, многу лесно е да се констатира: Ти не ме сакаш.

14 August, 2007 Posted by detlic | православна мисла | | No Comments Yet

Вечната Авангарда

Се сеќавате ли кога бевме мали, ама сеуште чисти во душата? Кога растевме, што ли не ни се случуваше. Ама, секогаш ќе ги паметиме моментите кога некој се истакнувал во нешто, било во добро или во лошо. Она што беше лошо (лошо во смисла засрамувачко; некое несмасно движење или несмасен збор) го исмевавме, а она што беше добро го љубоморевме. Колку ни се валкаа душите тогаш. Сепак, останува идејата да се биде underground, авангарден, вонвремен, да се избегне од секојдневната тематика на живеење. Тие што не се досетија на таа идеја, останаа повеќе или помалце на дното. Оние што ја сакаа таа идеја, не знаеја како да ја реализираат. Најчесто ја остварувавме во задоволување на нашите страсти (и суети).

Родителите, и тие не можеа да ни помогнат, не знаеја како, оти и тие го поминале нашето детство. Која авангарда ја постигнале тие? За време на прогонот, тие не ја положија авангардата на Светата Тајна – Брак. Денеска… ех, дури страв ми е да кажам. Никој не го осознава Таинството, та повеќето одиме и се венчаваме од помодарство. Да, невестата да го стави велот на лицето – најверојатно инспирирана од филмовите – чека свештеникот да промрмори нешто, и таа да каже I do, а веднаш после така свечено да го дигне велот и да ги чуе зборовите: You may kiss the bride. А какви ли само убави благослови изрекува свештеникот: „…благословени сте како што се благословени Авраам и Сара, благословени сте како што се благословени Исак и Ревека, благословени сте како што се благословени дванаесетте Патријарси… благословени сте како што се благословени Јоаким и Ана…“. После тоа, најверојатно (пак во желба за авангарда – ама пак онаа острастената), ќе се натегаат кој прв ќе го назгазне другиот, како би заповедал над него целиот живот.

Пред некое време, ми кажаа една поинаква авангарда. Замислете, имало авангарда која не била водена од страст: „Нашата рекација треба да биде иста како реакцијата на Христос на Крстот. Јас сум виновен за се. Крај на приказната. Толку! Ако речеш, виновен сум Господи, прости, тогаш ја раскинуваш својата волја. Секоја друга помисла најверојатно ќе биде грешна.“ А тоа е првиот патоказ кон Оној, Кој се смири и безгрешно стана Човек, и без единствен грев, ја прими најсуровата смрт.

А има ли поавангардно од ова? Која мисла на философ, која идеја на научник, која слика на уметник, или звук на композитор беше поавангардно од ова? Која епоха, и кое време? Во своето авангардисување, еден руски уметник наслика совршен бел квадрат, велејќи дека ова е најмногу што може да го досегне човечкиот талант. После ова престана да слика, зошто не можеше да наслика ништо поавангардно. И Бах и Моцарт, во своите авангардни дела, се откажаа од идејата дека ќе го достигнат совршенството на авангардата. А Платон? Тој откри една суштина, што не можеше да си ја разјасни, иако вечно трагаше по одговорот. Павел Флоренски, беше еден од научниците кој ја поистовети геометријата на имагинарните броеви како авангардата која треба да се истражува.

Така почна потрагата по суштествувањето со – Вечната Авангарда!

13 August, 2007 Posted by detlic | православна мисла | | No Comments Yet

В vs. Б и И vs. Е

Кога го препишувале македонскиот јазик на српската макина, некои тастери имале латинични букви, или нешто слично, па некои поими кај нас лошо се протолкувани. Поради површноста на некои наши интелектуалци, почнувајќи од академици, па се до новинари, овие грешки останале врежани како такви во свеста на луѓето, и денеска тешко може да се исправат. Ако некој паметен реши јазикот да се врати кон изворноста – а за нас тоа е црковнословенскиот јазик (не велам за падежи или тешки граматички структури, овде зборувам за фонетика и фонд на зборови), дури и тогаш, би требало да поминат една до две генерации, сиреч, моите внуци, ќе зборуваат и пишуваат правилно.

Во обид да ревитализирам (оживеам) некои подзаборавени правила, ќе се обидам да приложам еден дискурс на размислување. Ова нема да придонесе во севкупноста на подобрувањето на фонетските правила во нашиот јазик, но можеби ќе подзамисли дел од публиката кои го следат блогот на Климатизирано.

Со доаѓањето на Словените (да претпоставиме дека имаме словенски происход), византиската империја сака да го христијанизира паганското (словенско) население. Затоа императорот Михаил Трети и Цариградскиот патријарх Фотиј ги повикуваат двајцата браќа Кирил и Методиј во мисија на описменување на Словените, а потоа и проповедање за Христос. Во тоа време Кирил бил еден од поучените луѓе во Цариградската патријаршија, имал моќен чичко во служба на императорот, а иако Грк по татко, мајка му најверојатно била Словенка, па оттука течно го зборувал(е) јазикот на Словените.

Грчкиот јазик е еден од најсовршените јазици во историјата на човештвото. Како буквален пандан на грчкиот, прераснал и црковнословенскиот, поради Боговдахвеноста во истиот, по Божја милост излеана преку двајцата браќа и нивните ученици. Како добри познавачи на грчкиот, браќата искористиле многу полезни работи и ги пренеле во словенскиот јазик.

После многу векови, со доаѓањето на Латините, и воспоставувањето на Првото и Второто Латинско Царство; потоа, доаѓањето на Турците; па владеењето на Петар Велики, кој придонел до сеопшт пад во културата на Истокот (европскиот исток), и на крај завршувајќи со Блаже Коне(в?)ски, нашиот јазик попримил многу вештачки форми, кои звучат грдо и неумесно.

Латините уште од постоењето на Римската Империја црпеле од грчкиот јазик, но направиле извесни промени во фонетиката, за да ги приближат зборовите до нивниот јазик. На грчки, тие не звучат природно. Нашиот јазик, со тек на времето, од природниот призвук придобиен од грчките букви и правила, постепено го добива вештачкиот призвук на латинските правила.

Мене најмногу ми се свидеа примерите за буквите “В” и “И”. Со ред.

Имено, Грците во својот јазик ја немаат буквата Б, но за да можат да изговорат некои зборови од странско потекло, си креирале некој звук кој е ист со буквата Б и го пишуваат mp.

Значи, зборови кои следат грчко влијание во нашиот јазик:
Византија, наспроти Бисантија на латински (макар што најправилно е Висантија)
Васил, наспроти Басел (градот Базел во Швајцарија на нашки му доаѓа – Василево),
Вавилон, наспроти Бабелон,
варвари, наспроти барбари,
презвитер, наместо пресбитер (најправилно би било пресвитер, а на нашки значи свештеник),
ава, наместо абот (еврејски абба, грчки авва, латински аббот, црковнословенски ава, со значење татко, отец),
Тивериопол, наспроти Тибериопол,
равин, наспроти рабин (само во Црквата е зачувано вака, инаку, световно се користи неправилното рабин),
Варава, наспроти Бараба (сепак користиме и бараба – неправилно),
вулгарен, наспроти булгарен (Грците го користеле терминот Вулгари, како навредлив назив за Словените; подоцна ова ќе донесе многу историски спротивставености), итн.

Останува нејасно, зошто следниве зборови го имаат задржано латинскиот дискурс:
бета (буквата), наспроти вита (како што и денеска ја викаат во Грција; се сеќавам на времето ни велеа алфавита, наспроти денешната алфабета),
симбол, наспроти символ,
Бугари, наспроти Вулгари,
Тибериј, наспроти Тивериј (а градот пак, ја задржал правилната форма),
Бенедикт, наспроти Венедикт,
Бенџамин, наспроти Венјамин,
Себастија, наспроти Севастија (градот во Мала Азија; Св. 40 севастиски маченици),
Себастијан, наспроти Севастијан,
амброзија, наспроти амвросија (Амвросиј = бесмртен), итн.

Друга нејаснотија останува околу И и Е.
Примери:
Гавриил, наспроти Габриел (овде воедно се гледа и примената на в наместо б),
Михаиил, наспроти Михаел,
Рафаиил, наспроти Рафаел,
Иисус, наспроти Јесус (денешниот наш јазик го има отфрлено едното и, па го изговора Исус; слично и во претходните три примери),
Васил, наспроти Басел,
(секоја ил форма, Латините и Евреите ја имаат во ел; ел на еврејски значи божји, на Бога; Имануил – Син Божји),
ангарија, наспроти ангареа,
игуман, наспроти егуман,
империја наспроти емперија,
пастир, наспроти пастер (овчар),
лимон, наместо лемон,
Атина, наместо Атена,
квартир, наместо квартер (на руски квартир значи соба),
Вавилон уште еднаш, наспроти Бабелон,
(поради грчкото хи, кое ние го преведуваме во и:)
Ирод, наместо Херод (во филмовите, од незнаење го преведуваат Херод!!?!),
ептирахил, наместо епитрахел,
Ахил, наместо Ахел,
Рахила, наместо Ракела (Рејчел на германските дијалекти), итн.

Латински дискурс:
Економија, наспроти икономија (јас би одел на стопанство),
Ерусалим, наспроти Ирусалим (уште по латинско е Ерусалем),
херпес, наместо херпис,
базен, наспроти басин (дури и денешниот латински термин е така; слично и претходните три примери),
еманенција, наместо иманенција,
Мојсеј, наспроти Мојсиј,
Емануел, наспроти Имануил,
аероплан, наспроти аирополан (според мене воздухоплов),
(сепак, овде грчкото хи е изоставено):
Херодот, што е еквивалент на Херод, значи треба Ирод,
Хераклит, наместо Ираклит,
Хераклеја, наместо Ираклеја,
Херкул, наместо Иркул, итн.

Напомена: Еврејските еквивалентни на В и И се латинските.

Ова се само дел од отстапките што во моментот ми текнаа. Ги има многу (зборувам само за В и И).
Дискусијата дали е философија или филозофија, е надвор од доменот на оваа дискусија.

Срдечно ваш,
Перо

11 August, 2007 Posted by detlic | Култура | | No Comments Yet