Tribute to Климатизирано

Македонија

- Where are you from?
- Macedonia.
- Skopje?
- No, Strumica.

Ова е вистински настан што му се случи на еден пријател во Солун, пред 10тина години.

Тоа потврдува дека Грците се инаетливи. Зошто кога некој би рекол Macedonia, Грците си го поврзуваат со нашата Македонија (и покрај фактот што има три Македонии во Грција, и една во Бугарија)?
Како да стекнеме доверба во Грците? Ако го прифатат новиот предлог, ни даваат „поклон“.

А старите рекле: Варди се од Данајците, дури и кога ти носат подарок…

По мое, „поклонот“ е добро спакуван, а внатре е мувлосан. Затоа што, сепак, ќе си го смениме името.
ПРВИН, ни предложија да си го смениме идентитетот, па ние одбивме, па ПОСЛЕ еве, не го менувајте идентитетот, сменете го името доволно е – демек, еве ние правиме отстапка, направете и вие. Колку што сум упатен проблемот отсекогаш беше името, а не идентитетот, и ако го прифатиме новиот предлог – сепак сме поразени (додуша овој беше првиот воопшто предложен предлог, кој ние и во 1992 го прифативме – т.е. Киро го прифати, но не и Грците).

Тоа е исто како проблемот со унијатите. Римокатоличкиот папа оди кај православните и им вика: ајде, задржете си ги обичаите, Литургиите и се останато по Источното учење, НО, на Литургијата спомнувајте го папата. Навидум, ништо не се губи, но со тоа однапред си поразен, оти од православен, преминуваш во унијат.

Ваква дубара има и во воените стратегии (особено средновековните и античките): пушташ мал број војска, глумиш битка, пополека се повлекуваш, демек трпиш губиток и постојано се повлекуваш наназад (постепено), а може и да се издаде наредба за повлекување, и да одглумиш страв, со што противникот ќе се осети моќен и ќе те гони. Војската што се повлекува пристигнува до кањон, до рид, до шума и слично. Е таму, всушност, е главницата од војската! Те чека во заседа. Непријателот се прави парче! Обично, заседите се и најсвирепи. Тогаш нема формација или тактика. Се користи елементот на изненадување и несигурност кај непријателот. Таа состојба ја користиш, така што гледаш да убиеш што е можно повеќе (оти сепак постои веројатност непријателот да се регрупира, и да пропадне заседата).

Се надевам, нема да дојде до такви работи, ама сите „мудри“ глави во Македонија веќе тријат раце од направениот „дил“, демек ќе се офајдиме. Останува значи, да се надеваме дека, ако сепак Грците остават заробеници во битката, ќе ги пратат дома, ослепени, и на секој стоти ќе му остават по едно око, во пранги водејќи ги другите 99.

Ама… нашиве водачи денеска, нема да добијат кап на срцето.. туку ќе си се сончаат на Бахамите…

29 March, 2008 Posted by detlic | Родољубие | | No Comments Yet

Ерихон

Сигурно ги знаете оние бомбастични најави кои се прават по светогорски терк (овде мислам на Холивуд), а ги даваат во последно време на нашиве телевизии. “Вечерва, на А1….” (сега следува драматичен дел од филмот, по можност експлозија, потоа еротска сцена, па гласна музика на напнатост) … “Само тој можеше да ја спаси земјата…” (пак некоја напната сцена)… “Човек кој има само една цел…” (нешто што треба да се случи за да се разреши мистеријата и напнатоста, но во последен момент се менува кајронот, и со букви го испишуваат времето на давање и насловот на филмот)… “<ИмеНаФилм>”

Веќе втор пат гледам ваква слична најава на Сител телевизија:
“Наскоро… само на Сител телевизија…. Атомска бомба во Детроит… Започна нуклеарна војна во Америка… ” – и да не редам многу. Абе, се убаво. Ама на крајот, кога го кажа насловот на филмот: Џерико, ми се згади од се!!

Како да го гледам овој филм, кога самиот наслов не е добро преведен?! Замислете, лош превод на наслов, па што да се очекува од преводот на остатокот од филмот?

Инаку, навистина постои збор Џерико, но тоа е англиската верзија на зборот, но, на македонски, овој збор едноставно се преведува со Ерихон!

Ерихон е град во Западниот Брег, и денеска во него живеат 25000 Палестинци. Инаку, Ерихон е најстариот постојано населен град во светот! Познат е и што се спомнува во Светото Писмо, и тоа во Стариот Завет.

На еврејски, градот се изговара Јарихо, на српскохрватски Јерихон, на бугарски – Иерихон.

Ако овој збор ние Македонците треба да го изговараме Џерико, само затоа што на англиски буквата Ј се изговара Џ, тогаш да промениме и еден куп други зборови: Џерусалем, Џисус, Џуда, Џудеја, и т.н.

Говорете македонски бре луѓе!!!

12 March, 2008 Posted by detlic | Култура, Родољубие | | No Comments Yet

Великиот пост

Од неделата започна Великиот Пост, кој завршува со празникот над празниците, Воскресението на Господ Исус Христос.
Пред почетокот на постот, следеа три недели подготовка, за да во постот влеземе колку што може поусрдни и посмирени.
Оние кои имаат опит, можат да посведочат и со збор и со дело за Христос. Таков личен опит може да се видат и во следниве беседи:

Недела на митарот и фарисејот
Недела на блудниот син (I дел и II дел)
Месопусна недела (недела на Страшниот Суд)
Сиропусна недела (недела на простувањето) со која практично и започнува Великиот пост.

Првата недела од Великиот пост започнува и со тримирот (од понеделник до среда без јадење и пиење) кој завршува со причестување на Преждеосвештената Литургија.

Исто така, во Првата и Четвртата недела од Великот пост се чита Покајниот канон на Свети Андреј Критски, а секој петок се чита Акатист кон Пресвета Богородица.

Литургии има во сабота и недела, а Преждеосвештени Литургии (Литургии на претходно осветените дарови) секоја среда и петок.

Последната недела од постот е Страстната седмица (недела на Страданијата), и Литургии се служат од Велики Четврток до Велика Сабота (која е единствена сабота во годината на која се пости), и конечно, вечерта спроти Велигден, започнуваат Пасхалните химни, кои завршуваат со Воскресна Литургија.

Господ нека ни е напомош, по молитвите на Пресвета Богородица и на сите Светии. Амин!

12 March, 2008 Posted by detlic | православна мисла | | No Comments Yet

Личен Рекорд

Пред неколку дена една пријателка* ме замоли да пречекам една пратка што требаше да и стигне од Зеница, и тоа преку автобусот на релација Сараево – Зеница – Скопје – Гостивар. Во Скопје автобусот застануваше кај хотел Континентал. Ми го даде и бројот од шоферот. Ми рече да го чекам во 8 сабајле. Шоферот го добив дури во 9. Дури тогаш ја преминале границата. Значи, кај 10 часот ќе биде во Скопје. Неисе, само да завршам работа!

Остануваше да се разреши уште еден проблем: каде ТОЧНО да го чекам? Автобусот не застанува на регуларна станица, па мора да се прецизираат детали, за да не го испуштам. Му се јавив на шоферот, тој ми рече ТОЧНО спроти Континентал.
- Чекај, му вељам, ТОЧНО спроти Континентал е автобуската станица кај ресторанот Галеб. Таму патот е затворен, и има копано.
- Е, токму тука, кај копаното.
- Да не треба на претходната станица, кај студентскиот дом?
- Не, ти чекај ме баш кај копаното.
Си викам, абе кај ќе помини автобусов овде? Та патот е затворен, и преминуваат на другата лента од булеварот. Ама ајде, така ми рече, можеби има некои студенти што треба да се истоварат пред ПМФ. А уште повеќе си го зацементирав ставот дека шоферот е во право, кога видов дека низ затворениот пат поминуваа коли?!
Уште го немаше, а минеше 10. Ми рече голем бел автобус, секако ќе сум го видел. Од далечина се редеа големи бели автобуси: Руле Турс, Жас Бус, Атом Кочани, Струмица Експрес, овој мојов никако да дојде.

Конечно, во 10.15 од далечната шир на студениот бетон, каде што сонцето разгалено ги пушташе своите зраци да си играат со пролетните цвеќенца, а утринското ветре имаше мистичен танц со прерано расцутените дрвценца, се појави една бела точка, која во моите очи се повеќе и повеќе даваше отпечаток на голем бел автобус. Тој е, си вељам, и се опуљав поубо, да не сум погрешил уште еднаш.

И што да видам? Автобусот застана на претходната станица. Аај, си вељам, шо да праам сега? Се подумав така бајаги, се пофтев да потрчам, ама си вељам, ај ќе му мавнам рака, ќе ме види, нема шанси да го стигнам. Кога помина покрај мене, скршна на другата страна од булеварот, затоа што оваа страна е затворена!!!, и не ме виде кога му мавтав.

Прикаската започнува од овде. На патот за накај дома, се мислев дали имав некакви шанси да го стигнам. Ја направив следнава светлописница (сиреч, фотографија):

Јас стоев на точка А, веднаш спорти Континентал. Автобусот застана на точка Б. Растојанието јасно се гледа дека е 300 метри. По моја најоптимистичка проценка, автобусот стоеше 40 секунди. Според тоа, брзината која требаше да ја постигнам за да го стасам автобусот е 300/40 = 7.5 m/s == 27 km/h.
Еве, и во подобар случај од мојот оптимизам, автобусот да стоеше 1 минута, брзината ќе требаше да ми биде 300/60 = 5 m/s == 18 km/h.

Кога бев средно училиште, личен рекорд на 60 метри ми беше 14 секунди, што значи, сум трчал со брзина 60/14 = 4.28 m/s == 15.4 km/h. (Добре де, не бев некоја муња у средно.)

Оние кои ме познаваат, добро знаат оти тогаш колку толку бев активен на физичко, а денеска воопшто не сум. Значи!!! Требаше да си го надминам личниот рекорд, и тоа на 300 метри, а рекордот го поставив на раастојание од 60 метри!

На крај, уште една претпоставка. Иако не е испитано, да претпоставиме дека моментално трчам со 12 km/h (тоа е 3.3 m/s). Тогаш, за до го стасав, автобусот ќе требаше да стои најмалце 90.1 секунда.

Во ред е, не се секирајте. Се слушнав уште еднаш со шоферот, и тој љубезно ми кажа дека тој и наредниот ден поминувал низ Скопје, и тоа, застанувал на регуларно место – меѓуградската и меѓународната автобуска станица во Скопје, во 8 часот вечерта на перон број 1. Така и бидна. Во дадениот момент и даденото место, го зедов писмото.

*Пријателка го употребувам со значење на општоприфатениот израз другарка, или на хрватски френдица. Другар/другарка ме потсеќа на едно одминато време, па ми е одбивно како термин.

4 March, 2008 Posted by detlic | Урбан, град | | No Comments Yet