Таксистите на Скопје
Речиси секое утро на работа одам со радио – такси. Од едно радио – такси претпријатие постојано ги паркираат возилата на 2 минути од мене, па најчесто ги повикувам нив. Таксистите веќе почнаа и да ме препознаваат. Но, има еден таксист кој денеска ме возеше по втор пат. Истата финта ми ја направи и претходниот пат и денес.
На сликата подолу се прикажани две точки, точка А е местото кадешто живеам, а точка Б е местото кадешто работам. Маршутата по која патувам до работа е обележана со зелена боја. Но, овој паметен таксист, сака да заработи лесни пари, па се направи паметен, и не го заврти возилото во спротивна страна (а има простор за вртење без да се направи сообраќаен прекршок), туку продолжи право, и ја направи маршутата обележана со црвена линија.
По природа сум ќутлив, па не му прозборев на таксистот, но требаше да му кажам: „Господине, извртете откај населбата Ѓорче Петров.“ Неисе. На пресечната точка од двете маршути, мерилото отчука 68 денари! А цената на превозот по зелената маршута е 50-60 денари, во зависност како ќе се фатат семафорите.
Кога стигнав до пред работа, мерилото отчука 98 денари. Во мене имав 1060. На таксистот му давам 1000 денари. Тој ми вели, немаш нешто ситно? Велам, имам само 60 денари. Тој се намршти, ама беше во безизлезна ситуација, бидејќи немаше кусур (јок кусур!). И за тоа јас да не сум крив!? Добро, ми рече, плати ми 60. Му ги дадов парите, и си излегов од возилото.
Наравоучение: Не се лакомете по повеќе пари, може да излезете зијан!
п.с. Не ги поддржувам таксистите во нивните блебетења, дека не им се исплатело да возат. Ако не им се исплати, нека не возат! Ќе ги почитувам (не велам дека сега ги мразам), кога и тие ќе бидат културни и фер кон патниците.
Мелити
Премиерот на Република Македонија му упати писмо на својот колега од Република Грција, со барање да се признае македонското малцинство во Република Грција, и да им се вратат имотите на протераните бегалци од северната покраина на Грција – Македониа.
За помалку од недела дена, г. Караманлис му одговори на г. Груевски тврдејќи дека во Грција нема македонско малцинство. Исто така, читајќи ги официјалните статистики од Заводот на статистика на Република Грција, во поглед на етничката структура, во Р. Грција живеат 99% Грци и 1% останати, вклучувајќи Албанци, Арапи, Турци и дипломати(?!), и дека тоа се главно луѓе што доаѓаат да работат во Грција и немаат постојан престој во Грција. Значи, исклучувајќи ги сезонските работници и дипломатите(?!), во Грција живеат 100% Грци.
Добро, нека им е. Мене не ми е јасно ова: Сите се Грци во Република Грција, а вчера на прославата во грчкото селце Мелити (или како што ние народите кои го имаме словенскиот јазик за мајчин го нарекуваме Овчарани), имало некакви тензии. Имало многу грчка полиција, полно грчки медиуми (да известуваат од затуцано грчко селце, во најзафрлената провинција), грчки националисти и што ли уште не? А сите се Грци?! Дали Грците се разединета нација? Стравуваат што 2000-3000 селани играат грчки ора во чест на Светиот пророк Илија? Па зарем тоа не се правело и во некое затуцано село на Пелопонез? И таму има Грци! Сомнителни им биле носиите на Мелитинци. Па, нели тоа се грчки носии? Имаат проблем со својот идентитет!?
Од трета страна, од секогаш ми било чудно, зошто Грците се срамат од Грците од северозападните краишта на Р. Грција, и никогаш не ги промовираат тие нивни културни карактеристики. Кога некој би си помислил на Грција, би си помислил на бузуки, сиртаки, мажите со фустанели и големи опинци како трупаат. Но, културата на Грците во северозападна Грција никогаш не е промовирана: 7/8 такт, мажите и жените играат во круг, групно (за разлика од атинските Грци, кои играат поединечно), мажите немаат фустанели, жените се облечени во црвено-црни модни трендови (за стари носии), и така натаму.
И на крај, не ми е јасно, зошто Грците од северозападна Грција, не сакаат да се мешаат со Грците подолу од Олимп (или како што во овие северозападни краишта ги нарекуваат – Атињаните). Иста вера, ист народ, добро, малку во културата, музиката и јазикот се разликуваат, ама што има врска, сите се Грци! И струмичкиот јазик и охридскиот јазик се разликуваат, па имало случаи кога беќари од Струмица земале моми од Охрид! Останува г. Караманлис или г-ѓа Бакојани или г. Пангалос или сличните господиновци или госпоици да одговорат на овие чудни збиднувања. Да не влеваат забуна меѓу народите.
А во меѓувреме, Мелитинци ќе си трупаат орца на Св. пророк Илија, како што си го правеле тоа со векови.
