Милениумскиот крст
„Мене ми е задоволство што денеска имавме можност, да се отвори пуштањето на лифтот на крстот на Водно, едно од најсилните обележја во Република Македонија, туристички атракции, верски атракции“, изјави премиерот Груевски.
Свечено отварање, пуштање во употреба, пуштање на фабрика, свечени ленти. Сето тоа е во ред. Но што подразбираме под тоа? Има некоја помпезност, церемонија; некоја позната фаца сече црвена лентичка со ножници, мома у народна носија го пречекува со бардак, пита и риза; доаѓаат новинари, фоторепортери, настанот го даваат на телевизија, првиот ден, ајде нека е и недела дена, ексклузивитет на објектот имаат МВЛ (ВИП), а потоа истиот тој објект може да го посетуваат и обични луѓе, ако се разбира, е некоја туристичка, културна и сл. дестинација.
Денеска со пријател бев на Крстот на планината Водно. Времето беше облачно, но не заврна. На врвот беше многу студено, дуваше студен ветар, но ништо страшно. Во планинарскиот дом се напивме чајче, се одморивме и решивме да се повозиме на ново-пуштениот лифт во употреба. Се упатив со пријателот до крстот, навистина едната скала, на која се сопна Премиерот беше извадена (но не беше заменета со нова!!). Наоколу немаше ништо уредено. Вистинска туристичка дестинација. Баравме да најдеме билетара. Не најдовме. Си рековме, можеби сега е бесплатно, за да се привлечат луѓе. Местото кадешто е вратата од лифтот беше заклучена, а лифтот не беше во употреба. Ни малку разочарани, затоа што тоа не ни беше примарната цел, се упативме назад во градот.
Но, се прашувам, ако вака развиваме туризам, и ако вака промовираме достигнувања, нема да направиме ништо. Ако за овој настан (минорен и незначаен) се зборува полувистини (лифтот е ставен, функционален, но не работи), тогаш, како да им веруваме на владините и невладините организации, на премиерите и претседателите, на политичарите и новинарите и на сите останати „опинион мејкери“ за многу побитни работи (НАТО, ЕУ, економска благосостојба, намалена инфлација, соживот, братство и единство, незагаденост…).
(Не напаѓам никаква политича партија или организација, ниту пак текстот сакам да има политичка позадина, само ми смета, што менталитетот во нашата земја е сеуште балкански… уште пострашно… отомански!)
Ништо не функционира!
деновиве имам насобрано толкава нервоза што ниедна математичка формула не може да ја илустрира стапката на раст на истата.
веќе години наназад гледам дека ни една работа не оди на добро, ништо не се движи како што треба. се нешто чкрипи, шалта, крахира.
после викендов сум сигурен дека одвај чекам да почне некој нов поредок. некоја нова ситуација. некоја драстична промена. спремен сум да поддржам секаква идеја која би одела во таа насока.
првиот момент кој ми ја покачи нервозата се нарекува ФФМ. (како што може да приметите фудбалската федерација на македонија има домеин на .ком.мк – комерцијална фирма?!) тоа е таква первезантска организација што не може да се објасни. отидов да купам карти на натпреварот со Шкотска, и прашувам на кој места има слободни карти.
- еве дечко имаш одма лево до ложата – Блок 1 – 17ти ред. одлично место.
- хмм!? блок 1?
- да бе дечко…
- абе блок 1 е на почеток на трибината – т.е. позади голот, не ме зафркавај на 100 натпревари имам дојдено…
- не бе дечко, еве ти мапа (и ја врти картата од задната страна, каде е визуелизиран стадионот и каде што стварно блок 1 беше сместен одма до ложата)
- нешто ми е чудно ова, ама сепак дај ми две карти…
од после разбрав дека секој купувач бил лимитиран на 2 (две) карти и тоа со лична карта (како што направив и јас), па доколку ми требаше и трета карта, или петта или седма требаше да одиме заедно двајца, тројца или четворица да купиме карти (исклучиво само на стадионот) и тоа во исто време затоа што картите се нумерирани. whatever. правила се правила и ќе играме по нив.
кога стигнавме на стадионот, бевме пренасочени кон блок 1 (таков каков што го знаеме сите – т.е. зад голот), и почнав да се бунам.
АМА ВИДЕТЕ ЈА МАПАТА – ВАКВА КАРТА МИ ПРОДАДОВТЕ СО УВЕРУВАЊЕ ДА СЕДАМ НА СРЕДИНА НА СТАДИОНОТ?!
дечко не се буни, се важи само ова што го пишува напред – а јас тука гледам блок 1.
на стадионот се сретнав со еден пријател, му ја објаснувам мојата фрустрација и од него добив уверување дека блок 3 и блок 4 не биле пуштени во продажба, тој отишол уште првиот ден да си купи, и се утешил со блок 2.
па си го размислив следново сценарио. блоковите 3 и 4 ако не се во продажба, ќе има големи реакции од луѓето, па затоа се испечатени карти со лажни мапи според кои блок 1 и блок 2 ќе се „најатрактивни“ и така да се забушаваат луѓето. меѓу нив и јас.
но, еве да речеме да поминеме и над ова. но сепак ова беше само загревање за се што се случуваше од страна на ффм. според правилата издадени од оваа мафијашка организација (кои горе споманав дека ги почитував – како правила) на стадионот беше забрането внесување на сокови, вода, и било какви останати течности. веројатно од безбедносни причини. арно ама натпреварот се играше во 15 часот на 30+ степени. на полувремето веќе ќе дехидрирав. излегов од трибината да видам дали се продава нешто „во холот“. гледам нема ништо, па го прашувам обезбедувањето како да се решам од својата жед
- дечко треба да се симнеш надвор (во паркот?) и таму да си купиш, да ја испиеш и да се вратиш.
- океј, викам, – ќе одам.
- е, ама јас ти викам да не одиш, затоа што полицијата доле нема да те пушти?!
- како нема да ме пушти?!
- епа еве луѓе што излегоа надвор, сега не ги пуштаат да се вратат?!
почнав да вријам од нервоза. почнавме да се караме – ова да не се повтори со холандија – нека се научи оној прилепчанецот со брадата дека имаше луѓе кои се бунеа.
никому ништо. натпреварот продолжи. во текот на целото прво полувреме „спиќерот“ предупредуваше да се извади знамето со Јохан, за да не ја суспендираат нашата репрезентација!? па само што започна второто, се наредија стотина специјалци (фули армд – панцири, шлемови, штитови..) и буквално ја окупираа западната трибина – и триумфално го извадија знамето.
се прашував, нам не ни дозволија да внесеме вода (која може само да ни користи) на стадион на 35 степени, а им дозволија на комитите да внесат огромно знаме кое може само да ни наштети!? и зошто не го решија тоа веднаш, или барем на полувремето – туку на сред натпревар?!
и на крај уште нешто околу правилата на ффм. според истите – доколку бидат забележани шкоти на јужна – веднаш ќе бидат отстранети, а по лицето кое им ги продало картите ќе се води постапка?! која беда. на јужна имаше исто толку шкоти колку што имаше и на исток. никого не избркаа, никого не елиминираа, а веројатно никого нема ни да го гонат. битното е што ние обичните мораше да се „логираме“ со лични карти и да купуваме по 2 карти?! БЕДА ДО КРАЈ.
вечерта бев и на кошарка – во новата сала. на бедата и немаше крај. натпреварот доцнеше повеќе од половина час, затоа што никој не знаеше да го наштелува главниот семафор. откако змејко се испофали за менаџерското работење на салата – до која сите репрезентации имаат лимитиран пристап – кој се сведува на амин од премиерот, се случи да се малтретираат цела публика, сите играчи и сите гледачи, затоа што со ресетирање на компјутерот и со уклучување/исклучување на кабелот не се подесува семафор.
понатаму, зошто на цел ѕид на салата е ставено старото знаме на Македонија?! тоа од такт ме вади. како ние очекуваме од светот да не вика по едно име, кога ние самите си ставаме две знамиња?
нека одлучат овие националистички глави – кое е нашето знаме и тоа да се употребува. а не вака – сакам кажам, не знам речам. или барем нека направат старото сонце да ни биде грб – и расчистена работа. имаме знаме, имаме грб. ако толку се запнати по тоа знаме. вака сме на пола пат до никаде. да не кажам: на патот за у курац (д.дуковски).
и кулминацијата на моето нетрпение кон сопствените водачи дојде синоќа, на Денот на независноста (или несвесноста).
во сите медиуми беше објавено дека на плоштадот се организира голем концерт на фолтин, суперхикс и џајковски. (линкови ќе следуваат – се надевам) а таму всушност имаше митинг на вмро-нацистичка. во ограда како заштитен кавез беа сместени премиерот и министрите додека одеше програмата. ние стигнавме подоцна отколку што беше закажан концертот на фолтин (беше во 20, а ние стигнавме некаде околу 20:30). имаше програма на некое културно уметничко друштво. после тоа имаше монолози од филип, александар, климент и други истакнати македонци – дел од програмата кој ми ги превртуваше цревата, па не го гледав – се дистанцирав. за да „на крај“ следува нацистички говор на премиерот наш. после говорот ги трнгаа камерите, ги тргнаа знамињата и кога започна концертот на фолтин ја тргнаа и оградата – па ние како стадо овци се доближивме до сцената, затоа што местото ни го ослободија нашите лидери.
