Милениумскиот крст
„Мене ми е задоволство што денеска имавме можност, да се отвори пуштањето на лифтот на крстот на Водно, едно од најсилните обележја во Република Македонија, туристички атракции, верски атракции“, изјави премиерот Груевски.
Свечено отварање, пуштање во употреба, пуштање на фабрика, свечени ленти. Сето тоа е во ред. Но што подразбираме под тоа? Има некоја помпезност, церемонија; некоја позната фаца сече црвена лентичка со ножници, мома у народна носија го пречекува со бардак, пита и риза; доаѓаат новинари, фоторепортери, настанот го даваат на телевизија, првиот ден, ајде нека е и недела дена, ексклузивитет на објектот имаат МВЛ (ВИП), а потоа истиот тој објект може да го посетуваат и обични луѓе, ако се разбира, е некоја туристичка, културна и сл. дестинација.
Денеска со пријател бев на Крстот на планината Водно. Времето беше облачно, но не заврна. На врвот беше многу студено, дуваше студен ветар, но ништо страшно. Во планинарскиот дом се напивме чајче, се одморивме и решивме да се повозиме на ново-пуштениот лифт во употреба. Се упатив со пријателот до крстот, навистина едната скала, на која се сопна Премиерот беше извадена (но не беше заменета со нова!!). Наоколу немаше ништо уредено. Вистинска туристичка дестинација. Баравме да најдеме билетара. Не најдовме. Си рековме, можеби сега е бесплатно, за да се привлечат луѓе. Местото кадешто е вратата од лифтот беше заклучена, а лифтот не беше во употреба. Ни малку разочарани, затоа што тоа не ни беше примарната цел, се упативме назад во градот.
Но, се прашувам, ако вака развиваме туризам, и ако вака промовираме достигнувања, нема да направиме ништо. Ако за овој настан (минорен и незначаен) се зборува полувистини (лифтот е ставен, функционален, но не работи), тогаш, како да им веруваме на владините и невладините организации, на премиерите и претседателите, на политичарите и новинарите и на сите останати „опинион мејкери“ за многу побитни работи (НАТО, ЕУ, економска благосостојба, намалена инфлација, соживот, братство и единство, незагаденост…).
(Не напаѓам никаква политича партија или организација, ниту пак текстот сакам да има политичка позадина, само ми смета, што менталитетот во нашата земја е сеуште балкански… уште пострашно… отомански!)
No comments yet.