Tribute to Климатизирано

Деветка

Бетовен својата последна симфонија почнал да ја пишува во 1818, а ја завршил во 1824 година, кога и била и изведбата во Виена. Дванаесет години после неговата осма симфонија. Бетовен бил глув, а самиот се нафатил да ја диригира симфонијата. Сведоштвата велат дека изведувачите не го следеле тактот на Бетовен, затоа што тој не можел да ја слуша мизиката, и постојано доцнел, така што кога завршила симфонијата, тој и понатаму диригирал, и бил неколку тактови наназад.
Публиката почнала да аплаудира, а Каролина Унгер отишла до Бетовен и го свртела накај публиката. Публиката била во делириум. Аплаузот бил громогласен, и сите биле потресени од изведбата на симфонијата. За да му го пренесат задоволството на глувиот Бетовен, публиката почнала да ги фрла шапките и марамчињата во воздух, ги кревале рацете нагоре и дури пет пати го поздравиле со стоечки овации. Вакво нешто за прв пат се случило во салата.
Било процедура, кога кралот и кралицата ќе влегле во салата, да бидат трипати поздравени со стоечки овации. Бетовен немал кралска крв, не бил вработен од државата, а бил музичар, што во тоа време биле сметани за обични лакеи. Токму тој добил пет овации, а тоа службените лица го сметале за инцидент. Полицијата присутна во салата, на неколку пати морала да ја смирува гласната публика.

После деветата симфонија на Бетовен, се појавило суеверие за клетвата на деветката, дека композиторот ќе умре набргу откако ќе ја напише својата девета симфонија. Клетвата, освен Бетовен, ги стигнала Франц Шуберт, Антонин Дворжак, Антон Брукнер, Густав Малер и Ралф Вилијамс.

Шуберт не сакал својата девета симфонија да му биде девета, па ја нарекол Великата симфонија во Це повишено. Но, набргу потоа починал.

Брукнер, не ја ни завршил целосно деветата симфонија, а премиерно се извела 7 години по неговата смрт. Тој сакал оваа симфонија да претставува музичка целина со деветата симфонија на Бетовен.

Малерот го стигнал и Густав Малер, кој ја напишал својата девета симфонија, и бил радосен дека го скршил проклетството, бидејќи почнал да ја пишува и десетата симфонија. Но, неговата десета симфонија останала недовршена, затоа што починал.

Следува Дворжак. Неговата девета симфонија е позната како Од Новиот свет. Оваа симфонија Луис Армстронг ја пуштил на месечината во 1969 година, и тоа е првата музика која се слушнала на месечината. Интересно е дека, неколку децении после неговата смрт, се дознало дека всушност, Дворжак имал девет симфонии. Додека тој бил жив, светот знаел само за 5 симфонии, но многу подоцна, откриени се уште четири други симфонии кои Дворжак ги напишал порано, но никогаш не ги прикажал пред јавноста.

Вилијамс, својата девета симфонија ја напишал во 1957, а изведбата е во 1958 година, три месеци пред да се упокои.

Проклетството го скршил Шостакович. Тој бил под голем притисок да напише девета симфонија, која ќе биде ремек дело, слично на бетовеновото. Симфонијата требало да ја опева победата на Советите над Германците. Но, Шостакович не сакал да има грандиозна симфонија, и симфонијата ја направил сакрастична, со што Сталин и целото советско раководство било разочарано.

Но, Шостакович успеал да го скрши малерот на девет симфонии, и тој е првиот композитор после Моцрат и Хајдн кој напишал повеќе од девет симфонии, без да го снајде проклетството.

27 March, 2009 Posted by detlic | Култура, Урбан, музика | | No Comments Yet

Поздрави, желби и честитки

Некако блогов прерасна во медиум за меѓусебно честитање на родендени.
Епа, друже, некако роденденот ти се поклопи со многу работи: еден ден после Младенци, еден ден после изборите, два дена пред битната работа што ја имаше. Да не должам многу, честит роденден ти пожелуваат членовите на Kлиматизирано и нивниот ужи круг.

25 March, 2009 Posted by detlic | Урбан, катче, откач, членови | | No Comments Yet

Ргд-дгд-дак-дак

Епа, друже, желаем ти честит рожденден. :)

Кон честитката се придружуваат кумот Спасе, кумата Милица со децата Трајче и Кирчо.

27 February, 2009 Posted by detlic | Урбан, катче, откач, празник, членови | | No Comments Yet

Република Македонија Fyrom revisited

Европско првенство во ракомет за жени немаше никаква маркетиншка промоција!

Европско првенство во ракомет за жени немаше туристички понуди до навивачите на земјите учеснички!

Европско првенство во ракомет за жени има супер – дупер јака маскота!

Европско првенство во ракомет за жени го режира Бугарската телевизина!

Европско првенство во ракомет за жени картата е 30 евра за ден, без разлика дали сакаш да одиш на еден или два натпревари!

Еврпско првенство во ракомет за жени се игра во FYR Macedonia!

Јас веќе не се бунтувам кога на некоја манифестација не` омаловажуваат, кога не` претставуваат како ФИРОМ, и кога ни се смеат. Ние сами се ФИРОМИЗИРАВМЕ!!! АМА ТАКА НАЛАГА Е Ха еФ.

НЕ МИ Е ГАЈЛЕ!!!!!!!!!!!! Во такви случаи се бојкотира еврпско првенство во ракомет за жени. Во такви случаи се носат и ЕХФ и ЕП и сите таму кај шо не треба!!! Во такви случаи – како што владата ја тужи Грција и се инатиме за НАТО и све – СЕ ИНАТИМЕ БРЕ!!! НЕМА ЕП додека не не` напишат како шо треба.

Епа, штом сме ФИРОМ, не` заслужуваме ништо, затоа што сме најобични БЕСКИЧМЕЊАЦИ!!!!

ТОЛКУ!

п.с. Овој пост не внимавам ни на граматика, ни на јазик, ниту на ништо, затоа што сум ФИРОМЕЦ, а за таков народ сеуште не пости ниту јазик, ниту синтакса, ниту граматички правила.

2 December, 2008 Posted by detlic | Uncategorized | | 1 Comment

Милениумскиот крст

„Мене ми е задоволство што денеска имавме можност, да се отвори пуштањето на лифтот на крстот на Водно, едно од најсилните обележја во Република Македонија, туристички атракции, верски атракции“, изјави премиерот Груевски.

Свечено отварање, пуштање во употреба, пуштање на фабрика, свечени ленти. Сето тоа е во ред. Но што подразбираме под тоа? Има некоја помпезност, церемонија; некоја позната фаца сече црвена лентичка со ножници, мома у народна носија го пречекува со бардак, пита и риза; доаѓаат новинари, фоторепортери, настанот го даваат на телевизија, првиот ден, ајде нека е и недела дена, ексклузивитет на објектот имаат МВЛ (ВИП), а потоа истиот тој објект може да го посетуваат и обични луѓе, ако се разбира, е некоја туристичка, културна и сл. дестинација.

Денеска со пријател бев на Крстот на планината Водно. Времето беше облачно, но не заврна. На врвот беше многу студено, дуваше студен ветар, но ништо страшно. Во планинарскиот дом се напивме чајче, се одморивме и решивме да се повозиме на ново-пуштениот лифт во употреба. Се упатив со пријателот до крстот, навистина едната скала, на која се сопна Премиерот беше извадена (но не беше заменета со нова!!). Наоколу немаше ништо уредено. Вистинска туристичка дестинација. Баравме да најдеме билетара. Не најдовме. Си рековме, можеби сега е бесплатно, за да се привлечат луѓе. Местото кадешто е вратата од лифтот беше заклучена, а лифтот не беше во употреба. Ни малку разочарани, затоа што тоа не ни беше примарната цел, се упативме назад во градот.

Но, се прашувам, ако вака развиваме туризам, и ако вака промовираме достигнувања, нема да направиме ништо. Ако за овој настан (минорен и незначаен) се зборува полувистини (лифтот е ставен, функционален, но не работи), тогаш, како да им веруваме на владините и невладините организации, на премиерите и претседателите, на политичарите и новинарите и на сите останати „опинион мејкери“ за многу побитни работи (НАТО, ЕУ, економска благосостојба, намалена инфлација, соживот, братство и единство, незагаденост…).

(Не напаѓам никаква политича партија или организација, ниту пак текстот сакам да има политичка позадина, само ми смета, што менталитетот во нашата земја е сеуште балкански… уште пострашно… отомански!)

20 September, 2008 Posted by detlic | Култура, Урбан | | No Comments Yet

Шчо напраифме?

18 September, 2008 Posted by detlic | Nemoral | | No Comments Yet

Соната за виолина број 9

Сонатата за виолина број 9 е пишувана во А дур повишено. Ја искомпонирал Бетовен во 1802. Сонатата има доста емоционална содржина. Се состои од три дела (во вкупно траење од 37 минути): првото движење е претежно гневно, второто движење е медитациско, а третото движење е весело и богато. Трите дела на сонатата се:

  • 1. Adagio sostenuto — Presto — Adagio

  • 2. Andante con variazioni

  • 3. Presto

Интересно е што крајот првично е компониран за соната за виолина и пиано од порано, Опус 30, број 1, исто така напишана во А дур повишено. Нема да навлегувам во критичкиот дел на објаснување на сонатата. Можам само да кажам дека сонатата е прекрасна. Постојаната игра на виолината и пианото, нивното претекнување, на моменти дури и напнато натпреварување, те доведуваат до исчекување што ќе се случи, притоа оставајќи те во спокој. Едноставно, ги затворате очите и уживате во прекрасните звуци.

Сепак, главниот момент поради кој се решив да пишам, е приказната за настанувањето на оваа соната: Во 1803 година, најпознатиот виртуоз од тоа време, Џорџ Бриџтаур од Лондон (мулат, мајка му била од Полска, а татко му од Индија) отишол во Виена да се види со Бетовен. Почнале да свират заедно, и Бетовен бил воодушевен. Не било за чудење, затоа што Бриџтаур бил со исклучителни музички таланти. Свирел во замокот Виндзор пред кралот Џорџ Трети, и на други познати места во Англија. По барање на Англичанецот, Бетовен се согласил да напише соната за виолина, и двајцата да ја изведат на прочуениот утрински концерт во павилионот Огартен. Скриптурите од сонатата Бетовен му ги дал на Бриџтаур ден пред изведбата. На премиерата се собрала блескава публика, принцови, британскиот амбасадор, и други мецени на музиката.

Во 35иот дел од првото движење, Бетовен напишал ноти за изведба на пиано, кои се протегале низ неколку октави. На тој дел ставил ознака, повторувај! После секое повторување на Бетовен, Бриџтаур истото го исполнувал на виолината. Бетовен го наѕрел погледот од пианото кон својот пријател, со восхит и вчудоневидување, претрчал низ сцената, го гушнал Бриџтауер, се вратил назад и продолжил да свири.

Изведбата била полн погодок. На прославата после изведбата, Бетовен изјавил дека оваа соната за виолина му ја посветува на Бриџтаур. На почетокот од насловната страна на скриптот напишал: Sonata per uno mulaticco lunattico (Соната за чукнат мулат). Подоцна истиот ден, двајцата пријатели пиеле, и Бриџтаур рекол нешто погрдно за некоја жена, познаничка на Бетовен. Бетовен збеснал. Побарал од Бриџтаур да му го врати скриптот, луто викајќи му дека ја повлекува посветата. Уште рекол, наместо тебе, оваа соната му ја посветувам на најголемиот виртуоз по виолина во цела Европа, кој живее во Париз. Бриџтаур го молел Бетовен да се предомисли, но овој бил цврст во својот став. Дури и после недела дена, кога Бриџтаур заминал за Полска во посети роднини, кавгата и раздвоеноста не зараснала. Никогаш повеќе не се сретнале. Бриџтаур пред да се упокои, живеел во сиромаштија во јужен Лондон.

Големите луѓе во своето време, не оставаат длабоки траги во историјата. Кој бил големиот виртуоз од Париз? Се родил во Версај, а починал во Женева. Бил ученик кај татка си, кој пак бил музичар во кралската капела. Овој голем виртуоз свирел како солист до 1810 година, истовремено работел и како професор по виолина на Парискиот конзерваториум. Бил автор на многу техники на свирење, кои биле предавани на конзерваториумот. Исто така, бил главен во Париската опера, а од 1817 година, станал и диригент. Се запознале со Бетовен во 1798 година, пет години пред Бетовен да ја напише сонатата. Кога му ја донеле сонатата, ја прогласил за несвирлива. Рекол дека Бетовен немал разбирање за виолина, и дека Бетовен не може да пишува сонати за виолина, кога никогаш не ни свирел јавно на виолина.

Реков, големите луѓе на своето време, не се паметат многу. Сепак овој останал запаметен, благодарение на Бетовен, поточно, гневот и суетата на Бетовен. Е па, кој е тој човек? Се вика, Рудолф Кројцер, а сонатата и ден денеска е позната како Кројцерова соната.

29 August, 2008 Posted by detlic | музика | | No Comments Yet

Генерација на 90-тите

Отсекогаш ме интересирало како се одредува декадата на која припаѓа нечија генерација. Дали сум од осумдесетите, девеесетите или нултите? Најверојатно, декадата кога го живееме периодот на пубертет може да го земеме како генерацијата на која припаѓаме.
Како и да е, денеска ми се слушаше нешто ретро, а во главата ми се уврте Мамбо намб`р фајв, па си ја пуштив да ја гледам (на јутјуб). Следуваа и други хитови од 90тите. Па ми текна, како чекавме со душа да дојде понеделник, за да се пушти музичката емисија на една од локалните телевизии. Даваа 10 спотови, од кои 3 предлога; па се јавувавме да гласаме за фаворитот, па следуваа награди (радио касета разбира се) и тн. Највозбудливо беше снимањето на спотови. Кога ќе решиш да си направиш видео касета со спот, на почетокот е лесно, затоа што немаш ниедна песна. Ама после 3-4 недели кога ќе се вртат истите песни, колку возбудливо беше кога ќе снимиш некоја песна од новите предлози, а сеуште не си ја имал. Тоа беше понеделникот. Утредента во школото се прераскажуваше како и што, најнови трачеви за водителката/водителот, за спотот, за пеачите (Кели фемили имале сообраќајка, па немале сообраќајка, ама јас видов во Браво – тоа германското списание – , абе ајде, Браво, таму глупости се пишуваат, па по слух ќе си ја испееме песната, и на одморите ќе си ја потпевнуваме и така натаму). Вторникот вечер следеше пандан емисија на конкурентската локална телевизија. Средата повторно со ист жар и интензитет следат прераскажувањата. Е во среда и четврток… штом не ми текнува што имало, немало нешто интересно. A петок и сабота, песните шо ги слушавме на телевизија се пуштаа во диската и кафичите. Хмм.. во тоа време немаше играчници, компјутер студија и слично, па социјалниот момент го остварувавме токму во тие места, иако како помали, навратувавме и во флиперниците. Но, тоа е друга прикаска.

Фан Фектори (ду а диди диди дам диди ду)

Мистер Президент (Коко Џамбо)

Гала (Фрее фром дизајр)

Сквизер (Блу џинс)

Венга бојс (шалала)

Питер Андре (Мистириас грл)

Макарена

И дефинитивно, моите најомилени: Продиџи!

Poison (оваа беше прва нивна песна со која продреа до нашата генерација)

Firestarter (прв пат излегов во диско)

Voodoo people (е сега.. не ми текнува по што е значајна оваа песна)

27 August, 2008 Posted by detlic | Култура, Урбан | | No Comments Yet

Два факта и еден проблем

Факт 1:
Краставицата содржи 98% вода и 2% останати суви материи. Морската вода на Средоземното море содржи 96% вода и 4% сол.

Факт 2:
Разликата меѓу 1 милион и 1 милијарда е следна: 1 милион секунди е 11 дена, додека 1 милијарда секунди е 32 години.

Проблем 1:
Во продавница има 200 килограми краставици. Според факт 1, краставиците содржат 98% вода, и 2% суви материи. Краставиците не се заштитени и се изложени на надворешни услови, така што во текот на денот, додека продавницата не затворила, краставиците изгубиле од својата свежина; и кога продавачот си отишол, краставиците содржеле 97% вода. Ако во текот на денот, не се продала ниедна краставица, колку килограми краставица останало во продавницата?

Решението на проблемот ќе го објавам во некој од наредните постови.

12 August, 2008 Posted by detlic | бизнис, математика | | No Comments Yet

Аболиција

Град Скопје имаше план за обнова на Луна-паркот преку јавно-приватно партнерство со фирма што ќе инвестира и ќе стопанисува со него. За таа цел лани во април беше распишан отворен повик, но немаше пријава од ниту една заинтересирана фирма. Отворениот повик беше објавен во сите дневни печатени весници.

Кај се сега МВР? Нели е ова сомнителна зделка? Јавно – приватно партнерство, без тендерска објава во службен весник? Или ќе се чека 2009/2010, период колку што помина, за да се уапси струмичкиот градоначалник.

Ако апсењето на Заев не е политички монтиран процес, владата нека покаже доблест, нека го приведе Трифун Костовски (за оние кои подзаборавија, тој беше и е градоначалник(!?) на град Скопје). За аболиција не е проблем. Го имаме граѓанинот Б. Ц.

11 August, 2008 Posted by detlic | Урбан, бизнис | | No Comments Yet