Деветка
Бетовен својата последна симфонија почнал да ја пишува во 1818, а ја завршил во 1824 година, кога и била и изведбата во Виена. Дванаесет години после неговата осма симфонија. Бетовен бил глув, а самиот се нафатил да ја диригира симфонијата. Сведоштвата велат дека изведувачите не го следеле тактот на Бетовен, затоа што тој не можел да ја слуша мизиката, и постојано доцнел, така што кога завршила симфонијата, тој и понатаму диригирал, и бил неколку тактови наназад.
Публиката почнала да аплаудира, а Каролина Унгер отишла до Бетовен и го свртела накај публиката. Публиката била во делириум. Аплаузот бил громогласен, и сите биле потресени од изведбата на симфонијата. За да му го пренесат задоволството на глувиот Бетовен, публиката почнала да ги фрла шапките и марамчињата во воздух, ги кревале рацете нагоре и дури пет пати го поздравиле со стоечки овации. Вакво нешто за прв пат се случило во салата.
Било процедура, кога кралот и кралицата ќе влегле во салата, да бидат трипати поздравени со стоечки овации. Бетовен немал кралска крв, не бил вработен од државата, а бил музичар, што во тоа време биле сметани за обични лакеи. Токму тој добил пет овации, а тоа службените лица го сметале за инцидент. Полицијата присутна во салата, на неколку пати морала да ја смирува гласната публика.
После деветата симфонија на Бетовен, се појавило суеверие за клетвата на деветката, дека композиторот ќе умре набргу откако ќе ја напише својата девета симфонија. Клетвата, освен Бетовен, ги стигнала Франц Шуберт, Антонин Дворжак, Антон Брукнер, Густав Малер и Ралф Вилијамс.
Шуберт не сакал својата девета симфонија да му биде девета, па ја нарекол Великата симфонија во Це повишено. Но, набргу потоа починал.
Брукнер, не ја ни завршил целосно деветата симфонија, а премиерно се извела 7 години по неговата смрт. Тој сакал оваа симфонија да претставува музичка целина со деветата симфонија на Бетовен.
Малерот го стигнал и Густав Малер, кој ја напишал својата девета симфонија, и бил радосен дека го скршил проклетството, бидејќи почнал да ја пишува и десетата симфонија. Но, неговата десета симфонија останала недовршена, затоа што починал.
Следува Дворжак. Неговата девета симфонија е позната како Од Новиот свет. Оваа симфонија Луис Армстронг ја пуштил на месечината во 1969 година, и тоа е првата музика која се слушнала на месечината. Интересно е дека, неколку децении после неговата смрт, се дознало дека всушност, Дворжак имал девет симфонии. Додека тој бил жив, светот знаел само за 5 симфонии, но многу подоцна, откриени се уште четири други симфонии кои Дворжак ги напишал порано, но никогаш не ги прикажал пред јавноста.
Вилијамс, својата девета симфонија ја напишал во 1957, а изведбата е во 1958 година, три месеци пред да се упокои.
Проклетството го скршил Шостакович. Тој бил под голем притисок да напише девета симфонија, која ќе биде ремек дело, слично на бетовеновото. Симфонијата требало да ја опева победата на Советите над Германците. Но, Шостакович не сакал да има грандиозна симфонија, и симфонијата ја направил сакрастична, со што Сталин и целото советско раководство било разочарано.
Но, Шостакович успеал да го скрши малерот на девет симфонии, и тој е првиот композитор после Моцрат и Хајдн кој напишал повеќе од девет симфонии, без да го снајде проклетството.
Соната за виолина број 9
Сонатата за виолина број 9 е пишувана во А дур повишено. Ја искомпонирал Бетовен во 1802. Сонатата има доста емоционална содржина. Се состои од три дела (во вкупно траење од 37 минути): првото движење е претежно гневно, второто движење е медитациско, а третото движење е весело и богато. Трите дела на сонатата се:
- 1. Adagio sostenuto — Presto — Adagio
- 2. Andante con variazioni
- 3. Presto
Интересно е што крајот првично е компониран за соната за виолина и пиано од порано, Опус 30, број 1, исто така напишана во А дур повишено. Нема да навлегувам во критичкиот дел на објаснување на сонатата. Можам само да кажам дека сонатата е прекрасна. Постојаната игра на виолината и пианото, нивното претекнување, на моменти дури и напнато натпреварување, те доведуваат до исчекување што ќе се случи, притоа оставајќи те во спокој. Едноставно, ги затворате очите и уживате во прекрасните звуци.
Сепак, главниот момент поради кој се решив да пишам, е приказната за настанувањето на оваа соната: Во 1803 година, најпознатиот виртуоз од тоа време, Џорџ Бриџтаур од Лондон (мулат, мајка му била од Полска, а татко му од Индија) отишол во Виена да се види со Бетовен. Почнале да свират заедно, и Бетовен бил воодушевен. Не било за чудење, затоа што Бриџтаур бил со исклучителни музички таланти. Свирел во замокот Виндзор пред кралот Џорџ Трети, и на други познати места во Англија. По барање на Англичанецот, Бетовен се согласил да напише соната за виолина, и двајцата да ја изведат на прочуениот утрински концерт во павилионот Огартен. Скриптурите од сонатата Бетовен му ги дал на Бриџтаур ден пред изведбата. На премиерата се собрала блескава публика, принцови, британскиот амбасадор, и други мецени на музиката.
Во 35иот дел од првото движење, Бетовен напишал ноти за изведба на пиано, кои се протегале низ неколку октави. На тој дел ставил ознака, повторувај! После секое повторување на Бетовен, Бриџтаур истото го исполнувал на виолината. Бетовен го наѕрел погледот од пианото кон својот пријател, со восхит и вчудоневидување, претрчал низ сцената, го гушнал Бриџтауер, се вратил назад и продолжил да свири.
Изведбата била полн погодок. На прославата после изведбата, Бетовен изјавил дека оваа соната за виолина му ја посветува на Бриџтаур. На почетокот од насловната страна на скриптот напишал: Sonata per uno mulaticco lunattico (Соната за чукнат мулат). Подоцна истиот ден, двајцата пријатели пиеле, и Бриџтаур рекол нешто погрдно за некоја жена, познаничка на Бетовен. Бетовен збеснал. Побарал од Бриџтаур да му го врати скриптот, луто викајќи му дека ја повлекува посветата. Уште рекол, наместо тебе, оваа соната му ја посветувам на најголемиот виртуоз по виолина во цела Европа, кој живее во Париз. Бриџтаур го молел Бетовен да се предомисли, но овој бил цврст во својот став. Дури и после недела дена, кога Бриџтаур заминал за Полска во посети роднини, кавгата и раздвоеноста не зараснала. Никогаш повеќе не се сретнале. Бриџтаур пред да се упокои, живеел во сиромаштија во јужен Лондон.
Големите луѓе во своето време, не оставаат длабоки траги во историјата. Кој бил големиот виртуоз од Париз? Се родил во Версај, а починал во Женева. Бил ученик кај татка си, кој пак бил музичар во кралската капела. Овој голем виртуоз свирел како солист до 1810 година, истовремено работел и како професор по виолина на Парискиот конзерваториум. Бил автор на многу техники на свирење, кои биле предавани на конзерваториумот. Исто така, бил главен во Париската опера, а од 1817 година, станал и диригент. Се запознале со Бетовен во 1798 година, пет години пред Бетовен да ја напише сонатата. Кога му ја донеле сонатата, ја прогласил за несвирлива. Рекол дека Бетовен немал разбирање за виолина, и дека Бетовен не може да пишува сонати за виолина, кога никогаш не ни свирел јавно на виолина.
Реков, големите луѓе на своето време, не се паметат многу. Сепак овој останал запаметен, благодарение на Бетовен, поточно, гневот и суетата на Бетовен. Е па, кој е тој човек? Се вика, Рудолф Кројцер, а сонатата и ден денеска е позната како Кројцерова соната.
Спор со името